Мицкоски повика на обединување: Доволно е од поделби

20

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на денешната трибина во Гостивар по повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, испрати, како што рече, порака за обединување.

-Во Гостивар се официјални три јазици: македонскиот, турскиот и албанскиот, што е одлична можност да испратиме порака за обединување. Во Македонија е доволно од поделби. Конечно треба граѓаните да се обединат и да застанат зад вистинските вредности: меѓусебна почит, разбирање и борба против криминалот и корупцијата. Да се бориме заедно за поквалитетно образование, да не бидеме рекордери по број на жртви од короната и се што е денес пораз да го претвориме во победа, истакна Мицкоски.

Одговорајќи на новинарско прашање, рече дека порано или подоцна предвремни парламентарни избори ќе има.

– Не очекувам дека оваа власт ќе сака да ги напушти дебелите црвени килими, кожните фотелји и привилегите што ги ужива, не очекувам дека тоа ќе го прифати и дека ќе замине зашто е свесна дека потоа следи одговорност. Но, затоа сме ние опозиција и затоа ја добивме довербата од народот на локалните избори. Порано или подоцна ќе се случат и предвремените парламетарни избори, а потоа следува одговорност за сите погрешни политики во изминатите четири години, истакна Мицкоски пред трибината „Мајчиниот јазик е идентитет” што ја организира централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на маинуиот јазик.