Мијалков веќе беше позитивен на коронавирус – пред четири месеци

63

Со самоизолација поради температура од 40 степени, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков го „оправда“ денеска своето дводневно отсуство, додека по него беше распишана и меѓународна потерница, откако полицијата го бараше, но не го најде за да му го врачи решението за куќен притвор, пред пресудата за основниот предмет од аферата со масовното нелегално прислушување. Мијалков рече дека се изолирал поради висока температура и дека не знаел дека е распишана потерница по него.

Кон средината на октомври, токму судењето за предметот„Таргет – Тврдина“ два пати беше одложено поради здравствената состојба на обвинетиот Мијалков. Првиот пат кога тој беше во изолација и се тестираше на ковид-19, поради позитивниот тест на неговата сопруга. Со оглед на тоа што и ексдиректорот на УБК тогаш излезе позитивен, беше одложено и следното рочиште, а продолжението на судењето беше презакажано за ноември.

Пред една седмица, обвинителството и одбраната во случајот „Таргет-Тврдина“ ги дадоа своите завршни зборови за нелегалното прислушување и за уништувањето на опремата во некогашната УБК, на чие чело Мијалков беше речиси цели девет години, од 2006 до 2015 година, во времето на владеењто на ВМРО-ДПМНЕ, односно до настаните во кумановски Диво Насеље.