Мнозинството во Македонија смета дека пандемијата сѐ уште не е под контрола

60

Стравувањата од инфекција со коронавирус остануваат големи. Луѓето ширум светот сѐ уште во голема мерка се поддржувачи на своите влади, но не на нивоа регистрирани на почетокот на кризата. За тоа дали животот ќе се врати во нормала во 2021 година мислењето е подеднакво поделено.

Ова се некои од наодите од третиот бран на глобалното истражување, спроведени од светски водечката асоцијација – Галуп интернешнл (Gallup International Association GIA) во 19 земји, вклучувајќи ја Македонија (спроведена од БРИМА, македноската члена на GIA), САД, Русија, Велика Британија, Индија, Италија, Јапонија… Првиот бран беше во март, вториот во април, а третиот во јуни. .

Главните аспекти на ова истражување се за стравот дека лично или член на семејството може да биде заразен со коронавирусот, за тоа како владите се справуваат со коронавирусот, за верувањето дека заканата од коронавирусот луѓето ја зголемуваат, за мислењето дали пандемијата со коронавирусот е под контрола, за ефектот на пандемијата врз приходите во семејството и дали животот ќе се врати во нормала до крајот на годината.

Истражувањето во Македонија беше спроведено кога во земјата бројот на заразени лица од ковид-19 се искачи на трицифрен број и го достигна максимумот од почетокот на кризата, додека мерките и рестрикциите полека се олабавуваа. Ваквата констелација најверојатно е и причината за зголемениот страв меѓу населението од можноста за зараза со вирусот, дали лично или некој од нивното блиско семејство (бран 1 – 63%, бран 3 – 77%).
Наглиот пораст на епидемиската крива се одразува и врз поддршката на народот околу справувањето на властите со коронавирусот, кој бележи стрмоглав пад од 65% во март на 48% во јуни, силно поларизирајќи ја јавноста околу способноста на властите да ракуваат со кризата, па така повеќе од половина од испитаниците 57% сметаат дека пандемијата сѐ уште не е под контрола.
Влошената ситуација за само неколку месеци драстично го намали бројот на скептиците кои на почетокот на кризата веруваа дека заканата од вирусот е претерана, од 73% во март на 44% во јуни, оставајќи ја јавноста поларизирана околу идејата дека до крајот на годината животот во земјата би се вратил полека во нормала (46%). Ваквиот песимистички поглед за иднината е уште повеќе загрижувачки имајќи го предвид фактот дека дури 53% од испитаниците во јуни изјавиле дека нивниот семеен приход се намалил од почетокот на кризата.
Иако во повеќето земји од истражувањето стравот од инфекција со коронавирус останува голем, на повидок е постепен тренд на намалување. Додека пак Македонија е меѓу поретките каде стравот од инфекција со коронавирус е во пораст, заедно со БиХ и Индија. Вкупно од сите 19 анкетирани држави, 67% стравуваат дека самите или некој во нивните семејство, може да се зарази од ковид-19 вирусот, додека 30% изјавиле дека не стравуваат од можноста за инфекција.

По сѐ изгледа долготрајноста и бројот на жртвите од коронавирусот полека го намалува мислењето на луѓето ширум светот, кои само пред неколку месеци сметаа дека заканата од вирусот е претерана од 49% на 41%, останатите 54% сметаат дека заканата е сериозна. Перцепциите за преувеличувањето се највисоки во БиХ (66%), Казахстан (61%), Бугарија (58%) и Молдавија (58%). За разлика од Република Кореја, која не толку одамна доживеа пандемија на САРС, само 15% веруваат дека заканата од коронавирусот е претерана.

Иако кај мнозинството земји поддршката за справување со кризата од страна на владата е во пад, сепак останува голема – 63% ја поддржуваат својата локална влада, додека 34% не ја поддржуваат. Земји кај кои последните три брана бележат зголемена владина поддршка се Република Кореја, Малезија, Швајцарија, Бугарија, Јапонија и Казахстан. Сепак најмала измерена поддршка во истражувањето е во Јапонија (33%), БиХ (36%), Велика Британија (38%) и САД (40%).
Одобрението на владата делумно е под влијание на перцепцијата за тоа дали вирусот е под контрола. Мислењето на глобално ниво тука е поделено – 44% велат дека сега е под контрола, 49% дека не е. Но, маргината на мислење за глобална пандемија е впечатлива – се движат од 15% во Јапонија кои сметаат дека е под контрола до 95% во Грузија.
Едно прашање за кое се согласуваат мнозинството од анкетираните земји е финансиското влијание. Кај 14 од 19-те анкетирани земји, мнозинството вели дека приход на нивното домаќинство е намален. Семејствата на Филипините (88%) и Пакистан (87%) се најтешко погодени. Но, што е со очекувањата за иднината? Нема јасно очекување околу можноста животот да се врати во нормала. Два од пет испитаници (41%) веруваат дека до крајот на годината работите би се вратиле во нормала, додека останатите 47% не се оптимисти дека 2021 би донела подобрување. Оние во Казахстан (65%), Бугарија (61%), Малезија (60%) и Пакистан (59%) се најоптимистични, додека тројца од членовите на Г7: Јапонија (11%), САД (28%) и Велика Британија ( 20%) се најмногу загрижени.
Истражувањето на Gallup International беше спроведена во 19 земји низ целиот свет. Во секоја земја, репрезентативен примерок од мажи и жени беше анкетиран во текот на првите две недели од месец јуни 2020 година, преку телефон (CATI) или онлајн. Маргината на грешка за истражувањето е меѓу ± 3 и 5% на ниво на доверба од 95%.