Надал: Сакам да немам ритуали, но тоа…

25

Рафаел Надал одлично ја започна оваа календарска година во која прво триумфираше на АТП турнирот во Мелбурн за да потоа ја крена титулата и на Австралија Опен.

По тие напорни предизвици Шпанецот ги полни батериите, па има простор да одвои време за фановите, новинарите за да поразговара за некои работи, кариера, да го сподели неговото искуство. Надал има многу поминато низ годините и знае како да се носи со добрите резултати, но и кога нешто не оди во посакуваниот правец.

-Не ми се допаѓа зборот неуспех, тоа значи дека некој не се труди. Исто така, не верувам дека тренинзите даваат подобра игра постојано. Има моменти кога некој треба да доживее мир и среќа во натпреварувањето и да се соочи со се што ќе му се најде на патот. Еден од клучевите за да продолжам да играм тенис е тоа што ги третирам успехот и неуспехот нормално, на сличен начин. Спортистите се обични, нормални луѓе. Имате утра кога е тешко да станете и да одите на работа. Луѓето кои успеале се оние кои имаат континуитет на резултати и оние кои ги имаат потребните навики, -вели Рафа и додава:

-Не можете да го давате најдоброто секој ден, ако телото ви дозволува да дадете 60 проценти, тогаш треба да ги дадете тие 60 проценти. Ризикот е во тоа како ги третирате тие лоши денови. Многу е важно да го имате тој внатрешен механизам да прифатите дека работите нема секогаш да одат добро. Ако е така, подобро ќе си поминете низ тие лоши денови и полесно ќе се соочите со она што ви носи иднината, -истакна Шпанецот кој е познат по своите ритуали.

-Како што минува времето, треба полека да ги регулирате работите со исхраната, а тоа беше одреден напор. Исто така, секој мора да најде свој начин да се концентрира. Не постои апсолутна формула. Тоа ви го кажува некој што има многу ритуали. Посакувам да ги немам, не го кријам тоа, но тенисот е толку ментално агресивен спорт што се однадвор може лесно да ви го одвлече вниманието. Го правам тоа и можеби не разбирам зошто, но тоа функционира и ми помага да се концентрирам додека се натпреварувам. Посигурен сум во себе.

-Јас не сум опсесивна личност во ништо. Единственото нешто за кое сум константен е интензитетот на мојата работа. Кога тренирам, обично давам се од себе. Не би рекол дека сум направил многу жртви. Сè што направив, правев затоа што сакав, -заклучи Шпанецот кој во моментов е рекордер по бројот на освоени грен слем пехари (21).