Направена и втората трансплантација на срце во Македонија

21

Во текот на ноќта на Клиниката за кардиохирургија е извршена втората трансплантација на срце во историјата на Македонија, а операцијата беше извршена врз момче на 27 годишна возраст, кoe подолго време чекало донор. Момчето го доби срцето од девојка која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство дало согласност за донирање на нејзините органи.

Веста за трансплантацијата ја објави утрово министерот за здравство Венко Филипче преку својот фејсбук-профил.

„Во 3.33 часот утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги!“, напиша министерот.

Претходно, малку после полноќ, министерот за здравство Венко Филипче објави дека на Клиника во тек се подготовките за трансплантацијата посакувајќи сѐ да мине во најдобар ред.

Министерот вчера ја објави веста дека се бара пациент кој би можел да го добие срцето на несреќната девојка на која не можел да ѝ се спаси животот и рече дека ќе бидат трансплантирани и нејзините бубрези.

Во мај минатата година беше извршена првата успешна трансплантација на срце од донор. Срцето на починатата Емилија Динева продолжи да чука во 53 годишниот Иван Огненовски, кој долго време чекаше донор.

Таа трансплантацијата беше извршена од тим на тројца кардиохирурзи под водство на Сашко Јовев од државната кардиохирургија, Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника”, и Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина”.