Нема усогласување меѓу политичките партии за принципот на постизборна коалиција

6

Политичките партии имаат поделени ставови за почитување на принципот „победник со победник“ за коалиција по парламентарните избори. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека овој принцип бил прекршен кога се формираше сегашната владина коалиција и дека сега програмата ќе биде примарна за партијата.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека принципот треба да се применува и важно е владата, по изборите, да се формира со победничката партија.

Бујар Османи, ДУИ

„Системот, по Охридскиот договор не признава друга застапеност освен оние што ја претставуваат волјата на граѓаните. Доколку тие партии победат, се подразбира дека тие ќе бидат во Влада. Тој што ќе победи кај Албанците, ќе ги претставува Албанците во Владата. За жал, ние ова прашање сме го разбрале на најлош можен начин преку искуството. 2006 – 2008 ни покажа дека државата не може да толерира такво нешто уште еднаш“.

Осврнувајќи се само на политичкиот блок кај Албанците, Османи во својот одговор го изостави фактот дека ДУИ е во коалиција со СДСМ, партијата која имаше помалку гласови од ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2016 година. За тоа дека принципот „победник со победник“ треба да се почитува мисли и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Неговиот коалициски партнер, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, оцени дека покрај овој принцип, важна е политичката програма на партиите.

Зијадин Села, претседател на Алијанса за Албанците

„Победникот кај македонските партии добива мандат од претседателот Пендаровски. Каков мандат добива албанската политичка опција која ги добива изборите освен мандат од народот. Од друга страна, треба да се објасни добро дека овој принцип им врши работа на политичките претставници кои претставуваат категорија на граѓани и на народ тука, кој е дискриминиран. Овој принцип верувам дека важи за Алијанса за Албанците“.

Африм Гаши, претседател на Алтернатива

„Јас сакам да истакнам еден елемент кој ќе го имаме ние во предвид. Ова е моја лична перспектива, не секогаш може да се прави коалиција со секого ако нема договор за основните програмски определби“.

Принципот за коалицирање „победник со победник“ е неформална обврска, но двапати беше прекршена. Во 2006 година, ВМРО ДПМНЕ ја зеде во владата ДПА, иако ДУИ беше партија со најмногу гласови на изборите. Оваа Влада имаше краток, двегодишен мандат. На изборите во 2016 година, победничка партија беше ВМРО ДПМНЕ, но не успеа да постигне договор за коалиција со ДУИ која го избра СДСМ. Формирањето на оваа коалиција беше проследено со бројни реакции од ВМРО ДПМНЕ кои сè уште продолжуваат да ја нарекуваат нелегитимна власта.