Новиот бугарски парламент в четврток на конститутивна седница

8

Од ГЕРБ, како прва политичка сила по парламентарните избори во Бугарија, најавија дека ќе предложат влада по свикувањето на новото Собрание, ама остана неодговорено прашањето дали Борисoв повторно ќе биде мандатар
Новиот парламент на Бугарија в четврток ќе се собере на прво заседание, по изборите на 4 април.

Бугарскиот претседател Румен Радев го потпиша указот за свикување на конститутивната седница на 45. Национално собрание на 15 април 2021 година.

„Службен весник“ ги објави имињата на пратениците и нивната политичка припадност во 45. Национално собрание, со што се отвори пат за бугарскиот претседател да го издаде декретот за свикување на новоизбраниот парламент.

Од ГЕРБ, како прва политичка сила по парламентарните избори во Бугарија, најавија дека ќе предложат влада по свикувањето на новото собрание.

Оваа вест ја соопшти вчера на прес-конференција Томислав Дончев, кој е вицепремиер и близок до премиерот Бојко Борисов. Сепак, остана неодговорено прашањето кој ќе биде кандидатот за премиер, односно дали тоа ќе биде повторно Бојко Борисов или ГЕРБ се движи кон компромис со друга фигура, со оглед на изборните резултати што не оставаат поширок простор за маневри во обидите за формирање на новата влада.

Дончев рече дека ГЕРБ ќе ја следи постапката пропишана во бугарскиот Устав.

„Како прва политичка сила, ние сме обврзани да предложиме влада во име на довербата на над 840.000 бугарски граѓани, и покрај малите шанси таа да добие поддршка. ГЕРБ не стравуваат од кабинет назначен од претседателот Радев“, беше соопштено на прес-конференција на владејачката партија на Бугарија.