Обвинителство: Отворивме предистрага за оддавање службена тајна, ќе повикаме и други лица

15

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага за оддавање на службена тајна во врска со протекување на снимка од посебни истражни (ПИ) мерки кои потекнуваат од 2014, а во јануари 2019 година беа објавени во одредени медиуми.

Ова денеска го соопштија од Обвинителството преку официјално соопштение откако вчера четворица вработени во МВР беа повикани да дадат исказ во својство на сведоци на кои покани уредно се одзвале.

„Во текот на јануари оваа година во одредени медиуми е објавена снимка која е материјален доказ прибавен со примена на ПИ-мерки. МВР во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести Обвинителството за понатамошно постапување. Надлежниот обвинител ги повика лицата што во времето на спроведување на мерката во 2014 година биле одговорни за истата, ги сослуша и им ги одзеде мобилните телефони“, пишува во соопштението од Обвинителството.

Телефоните ќе се вештачат, а во наредниот период, додаваат оттаму, ќе се повикаат и други лица за да се дознае како е дојдено снимката да заврши објавена во медиуми.

„Посебните истражни мерки спаѓаа во класифицирани информации со законски одреден степен на класификација ‘строго доверливо’ и секое нивно објавување претставува кривично дело oддавање службена тајна предвидено и казниво по член 360 од Кривичниот законик“, објаснуваат од Обвинителство.

Неофицијално, како што вчера објави „360 степени“, станува збор за оддавање снимки направени со посебни истражни мерки во случајот „Поткуп“ во кој беше обвинет, па ослободен од судот експремиерот Зоран Заев. Снимките се направени во 2014 година, а пред извесно време се објавени на некои портали во земјава.

Четворицата повикани да дадат исказ, во 2014 година биле дел од Секторот за прикриени операции во Одделот за сузбивање сериозен и организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во МВР. Не се дел од обезбедувањето на министерот Наќе Чулев, како што јавија некои медиуми.