Откриени уште 5 случаи на делта сојот, 3 во Скопје и по еден во Куманово и Тетово

14

Во последнава недела има детектирани се уште 5 случаи на заразени со делта сој, попознат како индиски сој, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

„Од вкупно осум анализирани, три од случаите на делта сојот се во Скопје, а по еден има во Куманово и во Тетово. Но, делта сојот не е ексклузивен ги има и другите соеви“, рече Филипче.

Тој порача дека за сите соеви и мутации на вирусот вакцината е единствениот спас и граѓаните мора да се свесни дека тоа е начинот на кој може да се стави крај на пандемијата.

Досега, како што кажа, вакцинирани се околу 450 илјади граѓани, а околу 270 илјади се ревакцинирани, но тоа, вели, не е процент што може да не заштити од нов бран.

„Колективен имунитет се стекнува со вакцинирани 80 проценти, а ние сме далеку од тоа. Треба да бидат вакцинирани двојно повеќе отколку што се сега“, изјави Филипче.

Филипче додаде дека во моментов се прават анализи според кои, од вработените во здравството вакцинирани се над 85 проценти, а во градинките и училиштата се вакцинирале над 54 отсто од вработените. Истовремено, потсети дека во септември или октомври можни се некои ограничувања за невакцинираните лица.

„Треба граѓаните да се свесни, дека ако не се вакцинираат, може да завршат во болница и да бидат со тешки компликации. Ако се соочиме со нов бран, ќе има рестрикции од септември. Не можеме да страдаме, ако некој не се вакцинира. Висок процент од заразените се невакцинирани“, вели тој.

Според Филипче, вакцини има сосема доволно, а граѓаните можат да доаѓаат на вакцинација без пријавување. Исто така, тече и теренската вакцинација, а од пријавените 1.800 деца од 12 до 18 години веќе се вакцинирани 500.