Парламентот на Израел усвои закони што му овозможуваат на Нетанјаху да ја формира новата влада

43

 

Израелскиот парламент (Кнесет) денеска усвои низа закони кои овозможуваат формирање нова влада, што треба да ја води идниот премиер Бенјамин Нетанјаху, лидерот на конзервативната партија Ликуд.

Ликуд, заедно со своите ултрадесничарски сојузници и партии на ултраортодоксните Евреи, победија на парламентарните избори на 1 ноември, а Нетанјаху во средата минатата недела најави дека може да формира нова владејачка коалиција со нив.

Сепак, неизвесно беше дали лидерот на ултраортодоксната партија Шас, Арије Дери, кој беше осуден на условна казна за затајување данок, ќе може да биде министер.

Пратениците утринава донесоа закон со кој секој осуден за кривично дело, а не е осуден на затворска казна, може да добие министерски ресор.

Усвоен е уште еден закон што овозможува две лица да бидат назначени во исто министерство, што ќе го отвори патот лидерот на ултрадесничарската партија Религиозен ционизам, Бекаел Смотрич, да биде министер задолжен за цивилна администрација на окупираниот Западен Брег.

Кнесетот гласаше и за проширување на одговорноста на министерот за национална безбедност, а таа функција ќе ја има Итамар Бен Гвир, лидерот на ултрадесничарската партија Еврејски сили.

Привремениот претседател на Кнесетот, Јарив Левин, кој е близок до Нетанјаху, ќе биде министер во новата влада и тој денеска поднесе оставка бидејќи според законот не може да биде на таа функција 48 часа пред именувањето.

Нетанјаху, кој веќе беше премиер и најдолг во историјата на Израел (од 1996 до 1999 година и од 2009 до 2021 година), утре наутро треба да ја претстави својата влада во Кнесетот. Тој беше лидер на опозицијата изминатата година и половина.