Пет заменици за по 80.000 денари ќе може го менуваат Талат Џафери кога ќе биде отсутен

20

Пет пратеници ќе имаат можност да бидат заменици на Собранието во новиот парламентарен состав. Предлогот на спикерот на Парламентот Талат Џафери беше усвоен од мнозинството. Опозицијата проценува дека бројот од пет потпретседатели е преголем и не служи за рационализирање на финансиските трошоци во време на криза.

Но, според мнозинството, одлуката не мора да значи дека ќе има пет заменици, туку тоа бил оптимален можен број, а можност да номинира заменик имала и опозицијата.

За претходниот собраниски состав исто така имаше одлука за пет потпретседатели, но само четворица ја вршеа оваа функција односно Горан Мисовски, Фросина Ременски, Зекир Рамчиловиќ и Весел Мемети. Но, ниту еден друг потпретседател освен Мисовски не седна на тоа столче за да го замени Џафери на пленарните седници. Дури и на јавни настапи, Џафери како свој заменик го имаше Мисовски. Потпретседателите добиваат од 75 до 80 илјади денари месечно, односно 15 до 20 илјади денари повеќе од пратениците. Освен тоа, треба да им се обезбедат кабинети и службеници, што значи дополнителни трошоци од буџетот на Собранието. Од 2006 до 2016 година, Собранието имаше по три потпретседатели. Претходно, тој број се движеше меѓу четири и пет.