СЗО: Пандемијата на коронавирусот во светот забавува, освен на две места

14

Пандемијата на коронавирусот продолжува да се шири, но растот на бројот на новозаразените и починатите во светот забавува, со исклучок на Југоисточна Азија и источен Медитеран, објави Светската здравствена организација.

Во својот последен извештај за епидемиолошката состојба, објавен синоќа, СЗО истакна дека двете Америки остануваат најтешко погодени, што претставува половина од новите случаи и 62 проценти од 39.000-те починати изминатава недела.

Повеќе од 23,65 милиони луѓе се заразени низ светот, а 811.000 починале, покажуваат податоците на Ројтерс за вторникот.

„Во неделата што заврши на 23 август СЗО објави над 1,7 милиони нови случаи на ковид-19 и 39.000 смртни случаи, што е за 4 проценти помалку заразени и 12 отсто помалку смртни случаи од претходната недела“, се вели во соопштението на агенцијата на Обединетите нации.

Југоисточна Азија, вториот најпогоден регион, забележа зголемување на новите случаи од 28% и за 15 проценти повеќе смртни случаи. Повеќето од нив се во Индија, но вирусот брзо се шири и во Непал.

На подрачјето на источен Медитеран бројот на заболени се зголеми за 4 проценти, но бројот на починати опадна во последните шест недели, соопшти СЗО. Најбрз раст забележале Либан, Јордан и Тунис, споредено со минатата недела.

Бројот на новозаразени и смртни случаи во Африка опадна за 8 и 11 проценти, „пред сè поради падот на бројот на случаите во Алжир, Кенија, Гана, Сенегал и Јужна Африка“.

„Во Европа бројот на случаите се зголеми во изминатите три недели“, се вели во извештајот на СЗО, „но минатата недела беше забележан мал пад од 1 процент, а бројот на смртните случаи низ регионот опадна“.

Во регионот на западен Пацифик бројот на случаите падна за 5 проценти, пред сè поради забавеното ширење во Јапонија, Австралија, Сингапур, Кина и Виетнам.