Планот на Ердоган – Света Софија да ја претвори во џамија

32

Ердоган сака Света Софија, која сега е музеј, да ја претвори во џамија. Денеска судот треба да донесе одлука за намерата. Ова е обид на претседателот да поентира кај гласачите, но и план кој прави раздор во земјата

Света Софија не само што е препознатлив знак на Истанбул, туку и најомилената туристичка атракција во Турција. Огромната купола или нејзините уметнички фрески привлекуваат милиони посетители годишно и на зданието му донесоа статус на културно наследство на УНЕСКО.

Но, Света Софија е повеќе отколку архитектонско мајсторско дело, таа отсекогаш била и политички симбол: монументалната градба е подигната во шестиот век од византискиот цар Јустинијан. Кога Османлиите го освоиле Константинопол во 1453 година, султанот Мехмед Втори црквата по брза постапка ја претворил во џамија. И основачот на турската република, Мустафа Кемал Ататурк, го искористил божјиот храм за симболичен чин: во 1935 година тој Света Софија ја претворил во музеј, порака што гласи – Турција е секуларна држава.

Сега и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака да го искористи објектот во симболички цели. За многумина негови националистичко-исламистички настроени гласачи, Света Софија важи за симбол на освојувањето на христијанскиот Константинопол и за надмоќта на исламскиот свет.

Турскиот претседател настојува со сите сили да ја ревидира одлуката на Ататурк и Света Софија повторно да биде отворена за исламски верски ритуали и богослужби. Во Турција постојано се водени дискусии околу пренамената на Света Софија во џамија, но сега плановите добија конкретни контури: Врховниот управен суд утре одлучува дали декретот на Ататурк, со кој во 30-те години Света Софија е претворена во музеј, има правна основа.

Иницијативата е придружена од националистичка реторика. „На оној кој со меч го освоил Истанбул, му припаѓа и Света Софија”, гласи аргументот на владејачката партија. „Света Софија е наш географски посед. Оној кој го освоил со меч, ги поседува и сопственичките права. Света Софија е дел од нашиот суверенитет”, изјави на пример заменикот претседател на АКП, Нуман Куртулмуш.

Владејачката партија демонстрира самоувереност, уште во понеделникот, на 567-годишнината од освојувањето на Константинопол, еден имам читаше извадоци од коранот во Света Софија. Во турската јавност потоа се шпекулираше дали одлуката е веќе донесена и затоа се вршат подготовки.