Пожарникарите не ја прифатија понудата на Шилегов да почекаат на додатокот на плата до јуни догодина, најавија протести

17

Скопските пожарникари не ја прифатија понудата на градоначалникот Петре Шилегов на денешната средба и најавија дека ќе протестираат додека Град Скопје не почне да им го исплаќа додаток на платата. На пожарникарите со законски измени од 2014 години им е овозможено поради ризичноста на работното место да добиваат додаток на основната плата од 20 отсто. Но, оттогаш никогаш досега ваквиот додаток не им се исплаќал на пожарникарите, па затоа тие и го тужеле Градот.

На средбата во дворот на Бригадата за противпожарна заштита во Автокоманда, градоначалникот Шилегов им објаснуваше на пожарникарите дека овој додаток не може да им се исплати додека не се направат одредени измени во Законот за пожарникарство.

„Не станува збор за недостаток на волја туку на недостаток на законски основ. Овој проблем е стар повеќе од 15 години, мапиран е и лоциран е, направена е работна група, се вршат измени во Законот за пожарникарство, коишто треба да стапат на сила во јуни 2021 година, каде што дел од вашите барањата ќе добијат законски основ. Во меѓувреме секој од вас кој поднел тужба за да не плаќа судски трошоци ви нудиме да почнеме со медијација“, рече Шилегов.

Пожарникарите не го прифаќаа ваквото објаснување од Шилегов и му велеа дека како блок дотации има добиено пари за плати за 237 пожарникари, а сега вработени во Пожарната се 194 и зошто од тој вишок не им го исплаќа додатокот. Градоначалникот објаснуваше дека тие пари се наменски и не можат од нив да се исплаќаат надоместоци.