Почна гласањето на изборите во Србија

Утрово во седум часот беа отворени гласачките места на парламентарните избори во Србија, на кои повеќе од 6,5 милиони граѓани имаат право на глас на вкупно 8.368 избирачки места, како и за покраинските избори во Војводина и локалните избори.

27

На парламентарните избори за довербата на 6.583.665 гласачи ќе се натпреваруваат 21 избирачки список на партии и коалиции, кои ќе се борат да го поминат прагот од три проценти и да освојат места во српскиот парламент.

Републичката изборна комисија (РИК) донесе одлука за формирање работни тела и избирачки одбори за спроведување гласање на парламентарните избори и на територијата на Косово, како и за надоместоци за работата на спроведување на гласањето на таа територија.

Од РИК претходно соопштија дека на гласачките места ќе бидат преземени неопходните мерки за заштита од коронавирусот, односно дека е обезбедена заштитна опрема за сите членови на избирачките одбори. Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, изјави дека гласачите што доаѓаат на избирачкото место не се должни да носат маска, но таквото однесување би било пожелно, како и дека ќе им бидат обезбедени заштитни маски доколку ги сакаат. Кризниот штаб за борба против коронавирусот издаде препораки за однесување на избирачкото место, што подразбира дека членовите на избирачкиот одбор носат заштитни маски и ракавици, дека редовно ги проветруваат просториите и дека водат сметка дека меѓу гласачите има физичко растојание од најмалку еден метар.

Гласачкото место треба да биде исчистено и проветрено најмалку 24 часа пред изборите, а за време на гласањето не треба да се користи вештачка вентилација, но барем еден прозорец треба да биде отворен и треба да биде истакнат и плакат со информации за тоа како се спречува ширењето на коронавирусот во просторијата.

За време на утврдувањето на идентитетот на гласачот, од него ќе биде побарано накратко да ја отстрани заштитната маска.