По преземањето на власта ќе спроведеме нов, електронски попис кој ќе биде целосен, велат од ВМРО-ДПМНЕ

7

Успешниот попис на СДСМ е 132 илјади Македонци непопишани, 200 илјади раселени, и нераспознавање кои се христијани и православни, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со податоците од пописот кои вчера и беа презентирани на јавноста.

Како што велат во реакцијата, пописот е некомплетен и како таков, додаваат оттаму, не дава целосна слика за популацијата. Затоа, велат оти по преземањето на власта ќе спроведат нов, електронски попис кој ќе биде целосен.

„ВМРО-ДПМНЕ со таа цел по преземањето на власта ќе спроведе електронски попис, кој ќе биде целосен“,пишува во писменото соопштение од партијата.

Пописот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, единствено што покажува е тоа дека се повеќе народ си заминува, а со лошите политики на власта тоа само ќе продолжи.

По вчерашната презентација на резултатите од пописот спроведен во септември лани, ВМРО-ДПМНЕ излезе со оценка дека бројките се поразителни бидејќи покажуваат дека имаме преголемо иселување, но и дека целата статистичка операција е некомплетна бидејќи 7,2 отсто од населението не се изјаснило во однос на етничката припадност, јазикот, вероисповедта.
2Grips