Првите вакцини од Бугарија ќе стигнат на почетокот на следната година, од „Фајзер“ кон средина на 2021

37

Бугарија од секоја набавка на вакцини против ковид ќе одвојува дел за нашата земја, кои ќе ги добиваме како донација, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата по враќањето од Софија каде што присуствуваше на седницата на тамошната влада.

Но Филипче не можеше да каже за колкава количина вакцини се работи бидејќи, како што рече, ниту бугарските власти не знаат како ќе доаѓаат количините, но најверојатно тоа ќе се случи на почетокот на следната година.

„Утрово бев во Бугарија, при што присуствував на владина седница на покана на премиерот Борисов и министерот Ангелов. Ние интензивно разговаравме неколку недели и имаме добри вести дека Бугарија како донација ќе одделува слободна количина вакцини од секоја набавка која ќе ја добива во следниот период преку сите форми на договор со компаниите. Во овој момент ни тие не знаат кога ќе стигнат првите количини, 500 до 1 000 до крајот на година, но најверојатно тоа ќе биде од количините на почетокот на следната година“, рече Филипче.

Покрај Бугарија, на овој начин вакцини ќе добиеме и од Грција и од Полска. Во однос на Грција, Филипче рече дека последен пат за ова со неговиот грчки колега разговарал минатата недела.

Исто така, Филипче рече дека потпишале начелен договор со „Фајзер“ во врска со податоци за нашите капацитети, но засега нема конкретен одговор, иако првично било кажано дека како мал пазар може да очекуваме испорака во втората половина на следната година. Од „Астра Зенека“ засега нема одговор.