Принц Хари удрил таму каде што најмногу боли: „Бев заробеник, Меган ме спаси!“

17

Се очекувало дека Меган ќе каже сè и сешто, но изјавите на принц Хари сигурно многу повеќе го заболиле кралското семејство

Интервјуто што нетрпеливо се чекаше последниве недели, гостувањето на Меган Маркл и принц Хари кај Опра Винфри, ноќеска беше ексклузивно емитувано и беше токму така бомбастично како што и беше најавувано.

Се очекуваше дека Меган ќе каже сè и сешто, што и го направи, а не молчеше ни принцот Хари.
Тој откри дека неговото семејство финансиски ги отфрлило на почетокот од 2020 година, што всушност и ги принудило да потпишат мултимилионски договори со Нетфликс и Спотифај, иако прво се потпирал на наследството од неговата мајка.

Освен тоа, го обвини своето семејство дека одбило да ѝ даде поддршка на неговата сопруга кога се соочувала со расизам, додавајќи дека тој самиот бил заробен од страна на кралското семејство, додека не ја запознал Меган, која, како што вели, го спасила.

„Татко ми и брат ми. И тие се заробени и немаат можност да заминат“, рекол принц Хари додавајќи дека неговата покојна мајка Дајана би била лута, но и тажна што морал да го напушти кралското семејство, но била свесна дека би можело да дојде до тоа.

„Единственото нешто што го сакаше е да бидеме среќни“, рекол тој.

Зборувајќи за неговиот однос со татко му, принцот Чарлс, Хари рекол дека тука има многу работа.

„Се чувствувам навистина напуштено, особено затоа што и тој самиот има поминато низ нешто слично. И самиот тој почувствува болка, а Арчи е негов внук. Секогаш ќе го сакам, но многу лоши работи се случија, а еден од моите приоритети ќе биде да се обидам да го поправам нашиот однос.“

Открил дека навистина го напуштиле сето тоа поради медиумите во Велика Британија, како и поради недостигот од поддршка и разбирање од страна на неговото семејство, признавајќи дека татко му не сакал да разговара со него откако отишле во Ванкувер, како и дека неговиот однос со брат му Вилијам е оладен.

„Го сакам Вилијам. Тој е мој брат и заедно поминавме низ вистински пекол. Го поминавме истото искуство, но сега сме на различни патишта. Моето семејство ме отфрли финансиски, а некои членови предлагаа Меган да ѝ се врати на глумата, бидејќи немаат доволно пари и неа да ја плаќаат. Постоеја некои знаци за сето ова и пред да се венчаме и претпоставувавме дека ќе биде тешко“, рекол Хари.