Продолжува седницата на Анкетната комисија за скандалот на Онкологија

9

Во Собранието продолжува седницата на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

На седницата ќе бидат сослушани сведоци и експерти и ќе се разгледуваат акти и документи поврзани со скандалот на Онкологија.

Во саботата пред Комисијата сведочеше поранешната директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова.

Прашана од страна на претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи дали имало вонреден инспекциски надзор во Клиниката за онкологија за време на нејзиното директорување, Сотирова Бухова одговори дека во текот на нејзиниот мандат стасани се четири претставки од пациенти, кои влегуваат во вонредни инспекциски надзори. Таа раководеше со ДСЗИ од август 2017 година до септември 2021 година.

Пратеникот Зоран Коцески на седницата и постави неколку прашања. Тој потсети дека првата кражба на лекови од медицинска сестра се случила во 2020 година и ја праша Сотирова Бухова дали бил извршен вонреден надзор во тој период. На ова, Сотирова Бухова одговори дека во тој период, до ДСЗИ не стигнало барање за вршење на инспекциски надзор ниту од Јавното обвинителство, ниту од МВР, ниту пак од министерот за здравство.

Прашана дали и колку извештаи доставиле во тој период и што содржат тие извештаи, Сотирова Бухова одговори дека извештаите по извршени редовни инспекциски надзори на квартално ниво ги има во ДСЗИ. Како што додаде, редовните надзори не се вршени во 2020 и 2021 година заради пандемија и пандемиските услови.

Во врска со Като системот, Сотирова Бухова рече дека тој не е во ингеренции на ДСЗИ, затоа што е апаратура која се користи за лекување на пациентите.