Протести во Белград по најавите да се затворат студентските домови поради коронавирусот

29

Илјадници студенти вчера излегоа на улиците низ Белград откако претседателот на Србија Александар Вучиќ на државната телевизија „РТС“ најави дека сите студентски домови ќе бидат затворени, во рамки на заострувањето на мерките за сузбивање на коронавирусот, пренесува српска „Нова“.

Во колона, демонстрантите извикуваа „Не сакаме дома“, „Не ги даваме домовите“, „Не го сакаме Вучиќ“ и „Излезете надвор“ со кои ги повикуваа граѓаните да им се приклучат. Исто така, тие порачаа дека во тек им е испитната сесија и дека немаат каде да живеат, пренесува српски „Н1“.

Но, подоцна министерот за образование Младен Чаршевиќ, излезе и изјави дека студентите остануваат во студентските домови.

„Тие сигурно остануваат во своите домови. Тоа не е компромис. Точно е дека во понеделникот го привлеков вниманието кон најавата на Студентската поликлиника дека имаме 300 заразени студенти, а само мал дел се од домовитњ. Во Крагуевац и Косовска Митровица има нула пациенти, рече министерот за ТВ Прва.

Според него, само 20 проценти од заразените студенти се од домови. Чарчевиќ исто така најави дека е закажана седница на Владата на Србија, на која ќе се разговара за проблемите на студентите.

Студентите очекуваат официјална одлука дека нема да се затворат домовите, во спротивно велат тие, ќе продолжат со протестите пред Владата. Тие за денес најавија нов протест, овој пат пред Филозофскиот факултет во Белград на кој го повикуваат министерот да им се обрати.

Во Србија досега се дијагностицирани вкупно 15.195 лица со Ковид-19, а само вчера беа потврдени 359 нови случаи.