Ременски денеска треба да дава исказ за „Меѓународен сојуз”

27

Пратеничката и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски утрово во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, треба да даде исказ како осомничена во истрагата за „Меѓународен сојуз“.

Ременски два дена вршеше увид во доказите кои во истрагата ги прибрала обвинителката Вилма Русковска, но по увидот рече дека „видела сѐ, освен докази”.

„Јас го остварувам моето право согласно законот. Не би коментирала за доказите, бидејќи тоа е надлежност на институциите. На сите прашања ќе одговорам кога ќе дадам исказ пред Обвинителство. Јас не видов докази. Немам ставено потпис на ниту еден документ таму“, изјави вчера Ременски.

На прашањето „што гледавте?”, кусо одговори дека „гледала сѐ, само не докази”. Ременски е осомничена за помагање во делото измама.

Исказ вчера даваше осомничената Јасна Мандиќ, која е потпретседателка на невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Останатите осомничени во овој случај, Бојан Јовановски, неговиот татко Миле и асистентката Христина Блажевска исказ треба да дадат во петок.

Истрагата за Меѓународен сојуз се однесува на злоупотреба за измама и перење пари.