Роналдо преку Македонија до своето петто светско првенство

0

Со синоќешната победа над Македонија, Кристијано Роналдо запиша уште еден рекорд во својата богата кариера. Светското првенство во Катар ќе биде негово петто досега, со што се придружи на исклучително мала група на фудбалери.

Португалија за последен пат пропушти светско првенство во 1998, а потоа почна ерата на Кристијано Роналдо, кој беше дел од мундијалите во 2006, 2010, 2014 и 2018 година. Катар ќе биде негово десетто големо натпреварување во низа, која почна со Европското првенство во Португалија во 2004.

Тој има постигнато 115 гола на 186 натпревари за Португалија, со што е најдобриот стрелец во историјата на машкиот репрезентативен фудбал. Вчера не успеа да ја затресе мрежата на Димитриевски, но беше асистент при првиот погодок во победата од 2:0.

Пред Роналдо, на пет светски првенства настапија и мексиканскиот голман Антонио Карбахал (1950-1966), Германецот Лотар Матеус (1982-1998), Италијанецот Џанлуиџи Буфон (1998-2014) и Мексиканецот Рафаел Маркес (2002-2018).

А, дали Катар ќе му биде и последно СП, 37-годишниот Роналдо вели:

„Многумина ме прашуваат за тоа, но јас сум тој кој решава за мојата кариера. Ако мислам дека можам уште да играм, ќе играм, ако не можам, нема да играм“.