Руски воени блогери реагираат поради смртоносниот напад врз руските сили во Украина

8

 

Руски националисти и некои пратеници ги обвинија руските команданти дека ја игнорираат опасноста и бараат нивна казна додека расте гневот поради убиството на десетици руски војници во еден од најсмртоносните напади во Украина.

Руското Министерство за одбрана објави дека 63 војници загинале на новогодишната ноќ во експлозија која уништила привремена касарна во стручното училиште во Макиивка, збратимениот град на окупираниот Доњецк во источна Украина.

Украина и некои руски националистички блогери проценуваат дека бројот на загинати е многу поголем и дека станува збор за стотици.

„Она што се случи во Макиивка е страшно“, напиша Архангел Спецнац, руски воен блогер со повеќе од 700.000 следбеници на Телеграм.

„Кому му текна да смести толку голем број луѓе во една зграда, каде што и будала сфаќа дека дури и да се пука со артилерија ќе има многу ранети или мртви“, напиша тој, додавајќи дека на командантите „им е сеедно“.

Григориј Карасин, член на рускиот Сенат и поранешен заменик-министер за надворешни работи, повика на одмазда против Украина и нејзините сојузници, како и на „прецизна внатрешна анализа“.

Сергеј Миронов, пратеник и поранешен претседател на Сенатот, Горниот дом на Русија, повика на кривична одговорност за службениците кои „дозволиле концентрација на воен персонал во незаштитена зграда“, како и за „сите повисоки нивоа на власт кои не обезбедиле соодветно ниво на безбедност“.

Како што е наведено, Украина речиси никогаш јавно не ја презема одговорноста за нападите на украинската територија под контрола на Русија, а претседателот Володимир Зеленски не се осврна на нападот на Макиивка во неговото обраќање ноќеска.

„По истрелувањето на десетици проектили на 31 декември, Русија лансираше повеќе од 80 ирански дронови Шахид на 1. и 2 јануари и сите овие авиони беа соборени“, рече Зеленски, додавајќи дека Русија планира долгорочна кампања на такви напади за да ја „исцрпи“ Украина.

„Најверојатно смета на исцрпеност. Тоа ги исцрпува нашите луѓе, нашата воздушна одбрана, нашата енергија“, рече Зеленски во своето видео обраќање.