Рјабков: Русија нема само така да се помири со нордиското проширување на НАТО

1

Русија порача дека Западот не треба да има илузии дека Москва само така ќе се помири со нордиското проширување на воената алијанса на НАТО предводена од САД за да ги вклучи Шведска и Финска, предупредувајќи дека како резултат на пристапувањето на тие земји во Алијансата ќе се зголемат воените тензии.

Рускиот претседател Владимир Путин постојано ја наведува постсоветската експанзија на НАТО кон исток кон руските граници како причина за инвазијата на Украина, пренесе Ројтерс.

Сепак, војната поттикна една од најголемите промени во европската безбедносна архитектура: некогаш незамисливите потези на Шведска и Финска, кои делат 1.300 километри граница со Русија, да се приклучат на воениот сојуз.

„Не треба да имаат илузија дека ние едноставно ќе се помириме со ова, а ниту Брисел, Вашингтон или другите престолнини на НАТО“, рече рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесе државната новинска агенција РИА.

Влезот на Финска и Шведска во НАТО би била „голема грешка со далекусежни последици“, рече тој. Воените тензии ќе се зголемат како резултат на приклучувањето на тие земји во НАТО, предупреди Рјабков.

Русија даде малку индикации за тоа што ќе направи како одговор на нордиското проширување на НАТО, велејќи само дека ќе има „воено-технички одговор“.

Еден од најблиските сојузници на Путин минатиот месец изјави дека Русија би можела да распореди нуклеарно оружје и хиперсонични ракети во руската ексклава Калининград доколку Финска и Шведска се приклучат на НАТО.

Влегувањето на Финска и Шведска во НАТО, основано во 1949 година за да ја гарантира европската безбедност против Советскиот Сојуз, ќе биде една од најголемите стратешки последици од руската инвазија на Украина до денес.