СДСМ ветува повисока социјална помош, ВМРО-ДПМНЕ закон за потекло на имот на политичари

39

Претставниците на СДСМ на вчерашните средби со граѓани во рамки на предизборната кампања го промовираа концептот „Едно општество за сите“, европските перспективи на земјата, демократијата, правото и правната држава. Ги истакнаа реформите што се направени во јавното здравство и за следниот мандат, доколку извојуваат победа на 15 јули, ветија повисока социјална помош за лицата од ранливите категории.

Членовите, пак, на ВМРО-ДПМНЕ, како што е наведено и во нивната читакна со предизборни ветувања, се обврзаа на најмалку 25 проценти поголема просечна плата во земјава, 20 отсто поголеми пензии и најмалку двапати годишно нивни раст, четири милијарди евра домашни и странски инвестиции, невработеност под 10 отсто, рамен данок најнизок во Европа од осум проценти, данок од нула проценти за вработен млад човек до 29 години, субвенција до 50 проценти за обнова на фасада, како и на закон за потекло на имот на сите политичари.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во Гостивар порача дека тој град отсекогаш бил пример за мултиетничност, пример на единство и сплотеност.

„Тоа е иднината. Тоа единство и заедништво е единствениот исправен пат, модел кој може да нè јакне и на економски план, и како народ и како држава. Тоа е единствениот модел кој може да им гарантира подобра иднина на нашите деца“, порача Заев.

Тој додаде дека со носењето на Законот за употреба на јазиците, никој не загубил ништо, а со него се доби само повеќе единство и меѓусебно разбирање и ги повика граѓаните да гласаат за европската и демократска опција на 15 јули.

„Покажавме дека сите политичари не се исти. Не калкулиравме со личниот и со партискиот рејтинг. Кога се исправивме пред вистината, знаевме зошто 30 години не се носеле одлуки, се плашеле за политичката кариера. Ама ние не се плашиме, зарем има поважно нешто од нашите деца и нашите внуци. Носевме одлуки и ги затворивме комплетно сите важни прашања“, истакна Заев.

Додаде дека како власт покажале дека водат грижа за сите, а најмногу за сиромашните.

„Триесет години никој не носеше одлуки, но ние имавме храброст и носевме одлуки. Не само за договорите со Грција и Бугарија, туку и за Законот за употреба на јазиците, за зголемување на социјалната помош, за поголеми пензии, за поголема минимална плата, за 12.000 стечајци, за повисока просечна плата, за воведената државна социјална пензија“, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски истакна дека доаѓаат четири победнички години, заминува срамното минато. Тој истакна дека за наредните четири години предвидени се над 600 милиони евра субвенции за земјоделците, а не, како што рече, нивите да останат неизорани и неожнеани.

Нудат и реформи за враќање на правната држава, враќање на националното достоинство и исправање на сите грешни политики. Ветуваат здравство што ќе се темели кон превенцијата, а не кон тули и тендери, изградба и реконструкција на нови 1.000 километри патишта и закон за проверка на имотот на политичарите, а тој ќе биде првиот кој ќе биде подложен на ветинг.

„Луѓето од оваа власт продадоа сè што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за да подобро се живее“, појасни Мицкоски.