Северна Кореја и понатаму тврди дека нема ниеден случај на зараза со коронавирусот

Северна Кореја нема ниеден случај на зараза со новиот коронавирус, изјави висок функционер за здравство на Пјонгјанг, додека некои земји се сомневаат во веродостојноста на информациите дека во земјата го нема вирусот ковид-19.

14

Сиромашната и дипломатски изолирана земја која граничи со Кина и Јужна Кореја, кои двете тешко настрадаа од новиот вирус, на крајот на јануари целосно ги затвори своите граници и воведе строги мерки на изолација.

Пак Мјонг Су, директор на епидемиолошката служба на Државниот институт за борба со епидемии, истакна дека таквиот успех е постигнат благодарение на вложените напори.

„Досега никој не е заразен со новиот коронавирус во нашата земја“, кажа Пак вчера за Франс прес.

„Преземавме превентивни и научни мерки како инспекции, сместување во карантин на сите кои влегуваат во земјата, темелна дезинфекција на стоката, затворање на границите и укинување на сите поморски и воздушни врски“, потсети тој.

Само ретки земји во светот – главно изолирани острови и од војна опустошени земји – не известија за ниту еден случај на заболување со ковид-19.

Светската здравствена организација (СЗО) објави вчера дека деновиве ќе се надмине бројот од милион потврдени случаи на зараза низ светот.

Кина и Јужна Кореја тешко настрадаа од коронавирусот кој досега покоси 47.000 низ светот.

Аналитичарите предупредуваат дека Северна Кореја е особено чувствителна на вирусот поради слабоста на здравствената заштита. Поединци кои успеале да избегаат од земјата ја обвинуваат власта во Пјонгјанг дека ја крие вистинската состојба.

Минатиот месец командантот на американските сили во Јужна Кореја, Роберт Абрамс, кажа дека е „речиси сигурен“ дека Северна Кореја има потврдени случаи на зараза со коронавирусот.

И американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „нешто се случува“ во Северна Кореја и понуди помош во писмо испратено до лидерот Ким Џонг Ун.

Северна Кореја, која е под санкции на Советот за безбедност на ОН поради својата нуклеарна и балистичка програма, побара помош за спречување на вирусот.

ОН се согласија нивниот Фонд за деца (УНИЦЕФ) и организации како Лекари без граници да испратат дијагностичка опрема, маски, заштитни одела и средства за дезинфекција.

И двете организации не потврдија дека на земјата ѝ е испратена помош, пишува Франс прес.