Се уште нема списоци за платежни картички на повидок, СДСМ вели дека законските измени ќе бидат наскоро

26

Пробиен е претходно најавуваниот рок до средината на октомври да се изготват списоците на физички лица кои треба да добијат платежна картичка во рамки на четвртиот сет на економски мерки за справување со економските последици предизвикани од коронавирусот.

Сепак и натаму се чека на потребните два чекаори – да се усвои ребалансот на Вуџетот и да се направат потребните законски измени, кои патем се уште не се во собраниска процедура.

Од владеачката партија СДСМ денеска уште еднаш најавуваат дека со ребалансот на Буџетот за 2020 година, се обезбедуваат 470 милиони евра за реализација на мерките од четвртиот пакет за помош и поддршка.

„Измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година треба да бидат усвоени во Собранието за да можат 283.000 граѓани да добијат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари.

Домашни платежни картички ќе добијат 5.726 самохрани родители, како поддршка во справувањето со последиците од економската криза. Тоа ќе значи зајакнување на семејните буџети на над 5.700 семејства и поттикнување на приватната потрошувачка“, се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз.

Од таму додаваат дека платежни картички ќе добијат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, пасивните баратели на работа, самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници, како и 540 студенти, но и граѓаните кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.