СЗО: Разочарани сме од Кина, не беа целосно подготвени за истрагата на вирусот

11

Екипата на Светската здравствена организација (СЗО) задолжена за истрагата на потеклото на ковид-19 во Кина се упатила во таа земја, но не ги добила потребните одобрувања, кажа денес шефот на агенцијата на Обединетите нации Тедрос Адханом Гебрејесус и додаде дека е „многу разочаран“.

„Денес дознавме дека кинеските власти не ги подготвиле потребните одобренија за доаѓањето на екипата во Кина“, им кажа Гебрејесус на новинарите.

„Многу сум разочаран бидејќи два члена веќе отпатуваа, а другите не можеа да тргнат во последен момент“, додаде тој со невообичаено остар тон кон Пекинг.

„Контактирав со високи кинески функционери и повторно јасно им кажав дека мисијата е приоритет за СЗО и меѓународната заедница“, кажа и додаде дека „нетрпеливо го чека почетокот на мисијата во најкраток рок“.

Шефот за итни здравствени случаи во СЗО Мајк Рајан објасни дека проблемот е со визите.

„Се надеваме дека станува збор само за логистички и бирократски проблем кој можеме брзо да го решиме“, кажа и објасни дека еден од двајцата експерти морал да се врати, а другиот чека во трета земја.

Пред нешто повеќе од една година првите случаи на коронавирусот беа откриени во регионот на Вухан, а десет истакнати научници одбрани од СЗО треба да отпатуваат во Кина за да се обидат да го откријат потеклото на вирусот, односно да утврдат како преминал на човекот.

Меѓутоа, посетата е крајно чувствителна за кинеските власти и тие се трудат да избегнат каква било одговорност за пандемијата која однесе повеќе од 1,8 милиони животи во светот.