Сицилија плаќа половина авионски билет и ноќевање само за да летувате таму

Поради сегашната состојба со коронавирусот, не е сигурно дали сите туристички дестинации ќе ги угостат туристите годинава. Меѓутоа, оние кои, сепак, се одлучиле на тоа, во голема мера почнуваат кампањи и организираат туристички аранжмани, притоа не штедејќи пари, пишуваат медиумите.

12

Пример за тоа е Сицилија, која има јасен план како да ги привлече туристите. Регионалната влада одлучила да ги сноси трошоците за половина од цената на авионскиот билет, една од три ноќи во хотелот, како и да подари билети за музеи и археолошки наоѓалишта, пренесува Дејли мејл.
Буџетот од 50 милиони евра би требало да ги подмири трошоците откако индустријата изгуби околу милијарда евра во март и во април поради коронавирусот.

Ваучерите за летување би требало да бидат достапни на веб-страницата на туристичката организација на островот.

Во Италија, 13 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) доаѓаат од туризмот, па и покрај тоа што е најголемото жариште на коронавирусот во Европа, планира да ги покрене сите сектори на 4 мај, кога е предвидено олеснувањето на мерките. Туристичките организации во голема мера смислуваат начини како да направат социјална дистанца на плажите.

Расте бројот на смртни случаи, опаѓа на новозаразени
Иако бројот на смртни случаи во Италија повторно се зголемува, бројот на новозаразени лица се намалува. Дури 40 отсто од овие нови случаи се забележани во Ломбардија, каде што беше пријавен првиот случај пред повеќе од два месеца.

Единицата за цивилна заштита објави нови податоци за тестирањата на антителата и соопшти дека досега во Италија биле тестирани повеќе од еден милион граѓани од вкупното население кое брои 60 милиони. Претходно, во оваа бројка влегуваа само тестовите за брисови, што е многу поголема бројка, бидејќи тие се прават два или трипати.

Ломбардија, која е епицентар на вирусот, почна програма за тестирање антитела и се подготвува да ја придвижи економијата по застојот од неколку недели. Освен оваа програма, почнаа да се спроведуваат и серолошки тестови, кои подразбираат тестирање примероци од крвта и ќе се направат во 14-те најтешко погодени области во Ломбардија.