„Скај спорт“ објасни зошто Челси запна да му го краде Кукуреља на Сити (ФОТО)

3

Последниве два дена, а особено утрово се интензивираа шпекулациите дека Марк Кукуреља, наместо во Манчестер сити, ќе премине во Челси, за отштета од 50 милиони фунти и многу веројатно тој трансфер да се официјализира уште во текот на денот. За оние кои не следат Премиерлига толку страствено името на 24-годишниот лев бек на Брајтон, можеби, не е толку познато, но има причина зошто англиските големци „се тепаат“ за него.

„Скај спортс“ се позанимава со најжешкиот потенцијален трансфер овие денови и во своето „Трансфер шоу“ објасни зошто Шпанецот е толку посакуван, прво од Пеп Гвардиола, а сега и од Томас Тухел.

Кукуреља одигра 38 натпревари за Брајтон во сите конкуренции, во кои постигна еден гол и направи една асистенција. И тоа воопшто не звучи нешто импресивно, но има други бројки кои ја аргументираат неговата вредност. „Скај спортс“ извади статистика според која Кукуреља е најдобриот дефанзивец во Премиерлигата за минатата сезона според добиени (лизгачки) стартови и прв во рангирањето за освоени топки. Некој ќе рече дека тоа значи премногу е дефанзивен, но има уште.

Тој е на второ место според освоени топки во напаѓачката третина од теренот и трето место по комплетирани додавања во тој противнички простор. Во класифиакцијата за создадени шанси, пак, која е најголем индикатор на офанзивните квалитети го држи петтото место.

 

Според познатиот италијански новинар, Фабрицио Романо, Челси постигнал договор за личните услови со фудбалерот и тоа требаше да биде потешкиот дел од задачата, бидејќи тој имаше изјавувано дека ако замине од Брајтон тоа ќе биде само во шампионот на Англија. Сега останува да биде дефинирана сумата за отштета, која би требало да изнесува 50 милиони фунти. Брајтон исто така ќе сака да побрза со трансферот и дел од парите да насочи кон Анхелињо од Лајпциг, како замена за некогашниот талент на Барселона.