Собранието нема што да толкува за помилувањата

6

Пратениците не го прифатија барањето на министерката за правда Рената Дескоска. Собранието нема да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Како што кажа претседателката на Законодавно правната комисија, Соња Мираковска, членот 11 не постоел, па поради тоа Собранието не можело ни да го толкува.

-Барањето за давање на автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски не е оправдано. Затоа што и Законодавно правната комисија и Собранието како пленум не може да толкува норма која не постои, изјави Мираковска.

Сепак, Мираковска изрази надеж дека Уставниот суд нема да врати аболицијата на Иванов.

-Јас верувам дека овој извештај како документ кој ќе произлезе од Собранието нема да биде документ за потценување и ќе го почитува и Уставниот суд. Не постоејќи можноста, немајќи го членот 11 во правниот поредок претседателот немал ни право да амнестира норма 11-а која е направена врз основа на претпоставка дека претседателот имал право да амнестира, изјави Мираковска.

Инаку, законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година, кога беше укинат членот 11, кој содржеше можност за помилување без спроведување на постапка. Врз основа на овој член аболиција од тогашниот претседател Бранко Црвенковски доби премиерот Зоран Заев.