Собраниската Комисија за труд и социјална политика не состана за да усвои зголемување на пензиите

3

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев и пратениците на СДСМ денеска меѓусебно се обвинуваа за не одржувањето комисиската седница, на која треба да бидат изгласани законските измени со кои ќе се овозможи 320.000 пензионери да земат зголемување од 700 денари.

Ѓорчев денеска на прес-конференција изјави дека пратениците на СДСМ, со исклучок на една пратеничка, не дошле на седница на Комисијата на која на дневен ред се измените на Законот за пензиско осигурување и дека немало кворум за тие да бидат изгласани и пензионерите да можат да добијат зголемување од 700 денари. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, обвини дека и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не дошла на Комисија, како и дека не доаѓа воопшто на нивните седници.

– Имаме кочење на зголемувањето на пензиите за пензионерите. Денеска ова утро видовме како Мила Царовска, пратениците на СДСМ и СДСМ како партија го блокираат зголемувањето на пензиите за пензионерите, рече Ѓорчев, кој обвини за немање кворум и дека СДСМ сами го блокираат зголемувањето на пензиите со доставени 200 закони во овие две недели.

Сепак, Ѓорчев истакна дека е подготвен во секое време да побара од пратениците на СДСМ да дојдат на Комисија и да се донесе законот.

Ваква подготвеност искажа и пратеничката Јагода Шахпатска од СДСМ, која рече дека го барале и ќе го побараат пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ за седницата да се одржи и да се овозможи 320.000 пензионери наредната година да земат зголемување на пензиите.

Сепак Шахпатска, претходно, исто така на прес-конференција, го обвини Ѓорчев за самоволие и лицемерен однос и дека се служи со манипулации и измами, само за да не се одржи седница на Комисијата за Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој се предвидува покачување на пензиите за 700 денари.