Софија бара реакција и за „вознемирувањето“ на лицата со бугарско државјанство во Македонија

27

Бугарија ги цени брзите потези на властите во Скопје за палењето на бугарското знаме и манифестациите на говор на омраза на социјалните мрежи, но очекува брза реакција и за тоа што податоци за лица со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Република Северна Македонија биле дистрибуирани на фејсбук. Ова му било кажано на вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија кој вчера беше повикан во Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Како што јавија од Министерството по средбата, Бугарија очекува тие податоци и реакциите на граѓаните кон лицата со бугарско државјанство да запрат.

Инаку и премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС рече дека Македонија брзо реагирала за знамето и за говорот на омраза на фејсбук. Тој рече дека во најбрз можен рок го разрешиле Зоран Иванов, претседателот на Надзорниот одбор на МИА.

„Дали видовте како реагиравме веднаш? За 30 минути дадов предлог за разрешување. Ваш колега новинар – во име на новинарите, владата предложи да биде претседател на Надзорниот одбор на Медиумската информативна агенција (МИА). Во оваа ситуација, премиерот и министерот за надворешни работи веднаш дадоа предлог до владата за негово разрешување. Тоа беше во четвртокот и денес ова прашање веќе е решено“, рече Заев во интервјуто.