Сојузот на средношколци останува на одлуката за протест в понеделник

3

Дел од училиштата веќе поднеле барање до Министерството за образование и наука наставата да ја почнат со физичко присуство на учениците, откако претходно родителите се изјасниле дека сакаат нивните деца да седнат во училишните клупи.

Пред да им се даде дозвола да ги отворат вратите за учениците, работна група што ќе ја формира Владата ќе изврши проверка дали училиштата ги исполнуваат сите услови за заштита од коронавирусот.

Владата тврди дека системот е целосно подготвен за успешен старт на учебната година на 1ви октомври. Сојузот на средношколци пак не отстапува од веќе најавениот протест во понеделник.

„Се разработија сите можни протоколи планови и како треба да се делува, што значи дека имаме целосна подготвеност. Меѓутоа она што е подготвување на легислативата и епидемиолошката слика, сите ние заклучуваме дека е многу подобро децата да започнат со учебната година на 1-ви октомври.“ – изјави Оливер Спасовски – Претседател на техничката Влада.

„Останува протестот за понеделеник на кој ќе побараме децентрализиран пристап на одлуката, за комбинирана настава и за физичко присуство на учениците што доаѓаат од стручните училишта да можат физички да присуствуваат на наставата.“ – вели Бленди Ходаи – Претседател на Сојуз на средношколци.

А поголемиот дел од децата во Европа пак, и покрај коронавирусот се враќаат во училиштата. Соочени со раст на бројот на заразени, властите во Франција, Британија, Шпанија и други земји воведуваат задолжително носење маски, вработуваат дополнителни наставници и доградуваат училници.

Францускиот премиер изјави дека „ќе стори се“ за да ги врати децата во училиште и граѓаните на работа. Британскиот премиер Борис Џонсон го нарече повторното отворање на училиштата „морална обврска, а италијанскиот министер за здравство одлучи да ги затвори дискотеките со цел „да се отворат училиштата во септември целосно безбедно“.

Некои училишта во Европа пак планираат хибридна учебна година, дел со физичко присуство, а дел онлајн. УНИЦЕФ пак предупредува дека една третина од децата во светот немаат пристап до онлајн настава. Нивните анализи покажале дека најчесто наставата преку интернет ја пропуштаат најмладите ученици и оние од најсиромашните семејства или рурални домаќинства. Последиците би можеле да се почувствуваат во економиите и општествата во наредните децении велат од УНИЦЕФ.

Светската здравствена организација пак соопшти дека Европа се приближува кон почетокот на новата учебна година, што ќе биде деликатен период. ОД СЗО велат дека постојат бројни докази дека младите луѓе се најчести преносители на коронавирусот.