Со мерки за заштита од ковид-19, утре се конституира Собранието

11

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи утре напладне под посебни протоколи поради коронавирусот и тоа во салата под Големата купола наместо во салата „Македонија“. Седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми, што се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, за да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција. На крајот на денот ќе се дезинфицираат и сите простории во кои имало активности.

Ова ќе биде првпат по три децении парламентаризам и плурализам во земјава, македонското Собрание да заседава надвор од салата за одржување пленарни седници. И по повеќе години, гласањето нема да биде електронско, туку ќе се гласа со кревање рака, односно со картончиња во три бои – зелена -„за“, црвена – „против“ и жолта – „воздржано“.

Во салата за пленарни седници „Македонија“, пак, ќе бидат сместени гостите кои се поканети на на конститутивната седница. Од Собранието велат дека и во таа сала ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца меѓу гостите.

Во очекување на одржувањето на конститутивната седница и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски вчера од Крушево апелираше до сите политички чинители, без оглед дали се власт или опозиција, сите кои добиле одговорност од граѓаните да ја водат државата, да ја оправдаат нивната доверба и да ги исполнат ветувањата и заложбите дадени пред нив.

Партиите пак, кои по изборите неофицијално ги почнаа разговорите се очекува да ги интензивираат напорите околу обезбедување мнозинство во новиот парламентарен состав и формирање влада.

Од владејачката партија која ја предводи коалиција „Можеме“ со најмногу освоени мандати на изборите одржани на 15 јули, повторија дека разговорите за формирање парламентарно мнозинство и влада официјално ќе ги стартуваат по илинденските празници. Премиерот и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски очекува наскоро да биде формирана новата Влада од страна на СДСМ. Ги оценува како небулозни обвинувањата од страна на опозицијата за купување пратеници.

„Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагаме, тоа ќе биде основа на која ќе побараме поддршка од пратениците во македонското собрание. Очекувам тоа да се случи многу скоро по формирањето на македонското Собрание“,

рече минатата недела Спасовски за „Утрински брифинг“.
Мицкоски вчера во обраќањето по повод двата Илиндена од Ташмаруништа, Струшко, повтори дека „ќе учествуваат во натпреварот за формирање влада.

„Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други. Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први., а нашата победа е заедничка“,

рече Мицкоски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извини на народот за сите грешки и неправди кои некои лица од партијата ги имаат направено бидејќи, како што рече, тие во ВМРО гледаат личен интерес, а тој гледа кауза.
На предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 15 јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Конечните официјални резулати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.