Со „Фајзер“ од понеделник може да се вакцинираат деца од 12 до 16 години, најави Филипче

14

Oд понеделник покрај теренската вакцинација ќе почне и вакцинација на деца на возраст од 12 до 16 години и тоа исклучиво со вакцината на „Фајзер“, единствена според препораките што може да се користи за вакцинирање деца, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што кажа во изјава за медиумите, од понеделник нема потреба за закажување, а „Фајзер“ вакцини има на сите пунктови и родителите можат да дојдат со децата по своја волја. Во контекст на новите случаи на делта сојот, тој кажа дека овој сој е позастапен кај младите и поминува со полесна форма, па затоа и се става акцент на вакцинација на помладите, но и заради обезбедување на образовниот процес.

Во однос на бројот на заболени од делта сојот, Филипче изјави дека кај четворицата пациенти за кои вчера се чекаа резултати, потврдено е присуството на делта сојот, а едниот од четворицата е во потешка состојба. Се работи за членови на две семејства, односно две брачни двојки кои немале премногу контакти и нема епидемилошоки ризик. Сепак, ќе се проверуваат индивидуалните контакти на четворицата.

Епидемиолошката состојба во моментов е добра, но до крајот на неделава со Комисијата за заразни болести ќе се разговара дали треба да се воведат некакви рестриктивни мерки. Според Филипче, евентуално доаѓаат предвид мерки на границата за оние што влегуваат во државата, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи.

„Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени“, изјави Филипче.

На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемиолошка вредност, тоа ќе важи за сите.

Истовремено тој повика граѓаните да се вакцинираат бидејќи сите вакцини штитат од тешка форма на болеста и смрт.