Спасовски: „Имало лично недоразбирање помеѓу девојката и Денис Тот, нема обид за затскривање на случајот“

18

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конфереција упати сочувство кон семејството на починатиот ракометар Денис Тот.

Спасовски ги отфрла сите шпекулации за наводно покривање случајот и застој во истрагата.

„Најпрво сакам да отфрлам со индигнација сè она што деновиве се пласира во јавноста за наводно сокривање на овој случај или застој во истрагата. Веднаш по добивањето на информацијата, којашто не е добиена од лице место за нарушување на јавен ред и мир, односно за тепачката, туку истата е добиена дури од Клиничкиот центар во Скопје. Нашите екипи излегоа кај Клиничкиот центар и тогаш започнуваат истражните дејствија. Во ниту еден момент немаме запирање сè до моментот на целосно расчистување на случајот со поднесувањето на кривичните пријави, а тоа некаде во рок од 24 часа“, вели Спасовски.

Спасовски вели дека ќе се распише наскоро домашна и меѓународна потерница за третото лице кое е недостапно за органите на прогонот.

„Полицијата располага со видео-снимка на која што детално се гледа како се одвива настанот. Но кој бил мотивот за нападот, тоа треба да го докаже истражниот орган. Ние според изјавите што ги имаме, имало лично недоразбирање помеѓу девојката и момчето“, вели Спасовски.

За првото соопштение на МВР во кое беше наведено дека „нема видливи траги на насилство“ кај починатиот ракометар, Спасовски вели дека било изработено на основа на информацијата од Клиничкиот центар – Скопје.