Тајните снимки за Кичеец сега Русковска ги прикажува јавно

79

Денешното рочиште за предметот „Рекет“ ќе биде јавно и покрај тоа што Јавното обвинителство ќе презентира докази добиени со тајно снимање. Ваквата одлука била донесена поради тоа што во доказниот материјал немало приватни разговори.

ПИ-мерките ги презентира обвинителката Вилма Русковска која во моментов кажува дека Зоран Милевски-Кичеец со возило на неговата сопруга Мелина Милевска оди во едно скопско кафуле и таму се среќава со машко лице без да објасни во кој контекст е овој доказ со обвинението.

Потоа беше прикажана кратка видео-снимка на која се гледа како автомобил се паркира на паркинг. И за оваа снимка немаше објаснување.

Зоран Милевски-Кичеец е снимен како влегува во хотелот „Мериот“, а потоа заминува на улицата „Народен фронт“ каде што со заедно со машко лице со црна маица влегува во кафулето „Интермецо“. Потоа заминуваат во Куманово каде што биле снимени во еден ресторан. По кратко време се враќаат во Скопје и Милевски влегува во кругот на фабриката „Охис“.

Беа прикажани уште неколку снимки од скопски кафулиња. Адвокатот Сашо Дуковски реагираше дека нема опис на снимките, што е спротивно на судската пракса кога се прикажуваат докази прибрани од ПИ-мерки, а настрана што едно се прикажува на снимките, а друго коментира обвинителката.

– Ова е кафулето „Интермецо“, а не „Воденица“ како што вели обвинителката – забележа Дуковски.

По ова судијката констатира дека снимките се измешани, а Русковска објасни дека ги презентира како што ги добила од Министерството за внатрешни работи (МВР).