Трамп: Јас го предложив лекот за корона, затоа го одбиваат

16

Американскиот претседател Доналд Трамп уште ја брани и промовира употребата на хидрохлороксин како лек за коронавирус, наспроти препораките на здравствените експерти од неговата администрација.

Тој тврди дека лекот за маларија бил одбиен како терапија за COVID-19 само бидејќи тој го предложил.

Неговите коментари следат откако Twitter го банираше неговиот најстар син за објава на видеоклип во кој се промовира хидрохлоксинот како терапија за коронавирус.

Нема докази дека лекот е ефикасен против овој вирус, а регулаторните тела предупредуваат дека може да предизвика проблеми со срцето, особено ако се зема на своја рака.

Минатиот месец, Службата за безбедност на храна и лекови (FDA) предупреди да не се користи лекот како терапија за коронавирусот, откако биле забележани „сериозни проблеми со аритмија“ и други проблеми со срцето кај пациенти со COVID-19.

FDA исто така ја повлече издадената дозвола за користење на лекот за COVID-19 пациенти во итни случаи во болнички услови. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека „во моментов нема доказ“ дека хидрохлороксинт е ефикасна терапија за спречување на COVID-19.

Трамп (74) почна со промовирање на лекот во март и два месеца подоцна ги изненади новинарите кога на прес-конференција рече дека почнал на своја рака да го зема недокажаниот лек како превентивна терапија за коронавирус.

Американскиот претседател вчера имаше нова „мудрост“ за новинарите пред Белата куќа:

„Можам само да кажам дека од моја гледна точка, базирано на многу читање и многу знаење на оваа тема, сметам дека лекот може да има многу позитивно дејство во раните фази на болеста. Мислам дека нема што да изгубите ако го земате, освен што од политички аспект не е популарно“, рече Трамп и додаде:

„Кога јас ќе препорачам нешто, тогаш велат ‘не го користете’“.

Цензура или здрав разум?

Претседателот Трамп и син му Доналд Трамп Џуниор беа дел од корисниците на социјалните мрежи кои завчера го споделија видеото на групата America’s Frontline Doctors која го промовира лекот хидрохлороксин како терапија за COVID-19.

Facebook и Twitter ја отстранија оваа содржина и ја означија како дезинформација, но не пред да стане вирално – повеќе од 17 милиони луѓе веќе го имаа погледнато видеото.

Twitter исто така му изрече забрана за објавување на Трамп Џуниор во траење од 12 часа, како казна за објавувањето на видеото.

Во видеото, д-р Стела Имануел од Хјустон вели дека успешно излекувала „најмалку 350 пациенти со коронавирус“ со хидрохлороксин како терапија.

Трамп вчера рече дека според него ова се многу угледни доктори.

„Имаше меѓу нив една жена која беше спектакуларна во нејзините изјави“.

Според весникот Daily Beast, д-р Имануел претходно имала изјавено дека „оваа Влада ја водат рептили“, како и дека научниците „правеле вакцини за да ги спречат луѓето да бидат религиозни“, како и други бизарни изјави. Таа во избришаното видео исто така вели дека „не мора да се носат маски“.

Симон Голд, основач на America’s Frontline Doctors, ги обвини социјалните мрежи за цензура поради отстранувањето на видеото.

„Треба да се дебатира за различните опции за терапија за COVID-19, нашите колеги во медицинската сфера треба да зборуваат за тоа. А не тоа да се цензурира и замолчува“, објави таа на Twitter.