Угостителите бараат итна средба во Владата и конкретни мерки за надомест на загубите од рестрикциите

20

Без празни ветувања од министри, туку конкретни владини мерки за надомест на штетите и загубите, бараат угостителите и до утре очекуваат покана од Владата за итна средба на која би се разговарало за новите рестриктивни мерки и за добивање директна финансиска помош за овој сектор.

„Како што напоменавме во нашите минати соопштенија и изјави, овој пат законски ќе побараме сериозна одговорност и образложение на Комисијата за заразни болести од која ќе побараме да ни ги достави записниците од состаноците со сите образложенија зошто се овие мерки селективни и дискриминирачки и зошто додека на едни (угостителите) во континуитет им се ограничуваат и скратуваат правата за работа со препораки преку владини одлуки на други им се даваат само препораки со што премолчено им се овозможува да прават што сакаат и притоа да не сносат никакви последици и консеквенции од своето работење“,

се вели во денешното соопштени од Независната угостителска комора со дел од здруженијата на угостители.
Напоменуваат дека ќе ги запазат сите законски права и процедури во остварувањето на нивните права за поднесување на надоместок на штета, не само за последните рестриктивни мерки туку и за претходните.

Очекуваат дека Владата ќе ги послуша барањата на, како што велат, 6 500 угостителски објекти и 35 000 илјади вработени.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека се анализира можноста за поддршка на угостителскиот сектор поради новите рестриктивни мерки кои ќе важат од утре до 20 јануари, а предвидуваат локалите да затвораат во 18 часот и се забранува и организирање на сите предновогодишни и новогодишни прослави на отворено и на затворено.