Усвоена преговарачката рамка за Македонија

7

На првиот ден од почетокот на германското претседателство со Советот на ЕУ, Европската комисија ја усвои предлог – преговарачката рамка за земјава.

Тоа значи дека нацрт-документот според кој ќе се водат преговорите за членство со Македонија се наоѓа кај земјите-членки на ЕУ, кои ќе треба да ја одобрат финалната верзија.

Според проценките, документот веќе идната недела ќе се разгледува во Брисел на експертско ниво меѓу земјите-членки.

Преговарачките рамки ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори со секоја земја-кандидат.

Предлогот што го изготви тимот на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се темели на новата методологија за пристапување.

Според шефот на дипломатијата, со овие измени процесот ќе биде поконкретен, подинамичен, со засилено влијание од страна на земјите членки, но и можност за враќање назад ако земјата не ги исполнува задачите и назадува во европската агенда.

Целта е Македонија да го усвои законодавството на ЕУ и европските стандарди во и да обезбеди целосно спроведување по пристапувањето.

Еврокомесарот Вархеји порача дека денешниот ден претставува значаен чекор на патот на Македонија и Албанија кон ЕУ.

Со првата меѓувладина конференција почнува и преговарачкиот процес, односно завршува т.н. скрининг и се отвора првиот кластер – Основни вредности, кој ги опфаќа клучните реформски области од Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права.

Следи поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, економските критериуми, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација. Поглавјето 5 ги опфаќа јавните набавки, поглавјето 18 – статистика и поглавјето 32 – финансиска контрола.