Уште тројца од повредените од автобуската несреќа во Бугарија ќе стигнат денеска во земјава

1

Тројца од седумте преживеани во автобуската несреќа во Бугарија ќе се вратат денеска во земјава, откако во саботата пристигнаа првите двајца
Уште тројца од вкупно седум преживеани патници од автобуската несреќа во Бугарија ќе стигнат денес во земјава, откако во саботата двајца од повредените беа хоспитализирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Министерот за здравство, Венко Филипче, при приемот на првите двајца преживеани, во саботата, изјави дека други тројца преживеани треба да пристигнат денес, а дека се во стабилна состојба.

„Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно, скршеница на два пршлени. И тој е во стабилна состојба, така што сите други имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања, додека тој пациент во сферата на трауматологијата.“кажа Филипче, при приемот на првите двајца преживеани од автобуската несреќа во Бугарија.

Првите двајца преживеани од автобуската несреќа која се случи во Бугарија, беа хоспитализирани во саботата во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Во изјава за медиумите, Филипче соопшти дека нивната состојба е стабилна, а дека ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

„Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и, согласно тоа колку време треба да останат, ќе бидат хоспитализирани, по што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман.“ додаде министерот за здравство Венко Филипче.