(ФОТО) Ѓорге Иванов дојде да сведочи за „27 април“

27

Дел од обвинетите во претходниот судски процес за крвавиот четврток, во Собранието во 2017 година, излегоа со наводи дека тогашниот шеф на државата планирал да прогласи воена состојба
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов утрово имаше едно од ретките појавувања во јавноста по заминувањето од функцијата.

Тој дојде во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи за организацијата на настаните од 27 април 2017 во Собранието, по предлог на одбраната.

Неговото име во судските процеси за крвавиот четврток се споменуваше во претходниот предмет за кој има првостепена пресуда, како и во овој, каде што сведочеше и осудениот Александар Василевски-Нинџа.

Покрај Нинџа, Иванов го споменуваа и браќата Михаил и Стефан Младеновски, кои беа обвинети, а потоа добија амнестија.

Тие го споменуваа поранешниот шеф на државата во контекст дека ноќта на 27 април 2017 година добиле информација од вработен во УБК, Дејан Димовски-Боксер, дека Иванов ќе прогласи воена состојба. Според нивните сведочења, таква информација на Боксер му дал „Синиша од кабинетот на Иванов“.

Тогаш од неговиот кабинет излегоа со демант на ваквите сведочења.

„Давање лажен исказ е кривично дело. Не знаеме по кој пат кабинетот на претседателот ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27 април“, соопштија од кабинетот на Иванов.

Нинџа, пак, тврдеше и дека Иванов не прогласил воена или вонредна состојба поради притисок од странски фактор.

Денеска тој се очекува да сведочи и за ваквите околности кои беа споменувани од лицата опфатени во претходниот судски процес, од кои дел беа и сведоци во актуелниот за обвинетите организаторите.

Обвинети во случајот за организација на случувањата од 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите на прогонот.