Хакирани неколку банки од второ ниво во Албанија, според министерката Ибрахимај, такви кибер-напади се случуваат насекаде низ светот

9

 

Албанската министерка за финансии и економија Делина Ибрахимај на предновогодишната средба со новинарите, во врска со кибер-нападите во последните неколку дена врз некои банки од второ ниво во Албанија, рече дека вакви напади се случуваат насекаде низ светот, не само во Албанија, додавајќи дека нема оштетувања на банкарските сметки на албанските граѓани.

-Има милиони напади. Сајбер војната е опиплива војна, и во јавниот и во приватниот сектор. Банките гарантираат дека не се допрени сметките на граѓаните. Албанската Влада презема реформа во оваа насока, каде што ќе ги следи сите напади што може да се случат во иднина. Овие напади не се случија само овде, туку во сите земји во светот и ова е војна која му припаѓа на новиот свет, посочи Ибрахимај.

Министерот за одбрана Нико Пелеши призна дека нападите стануваат секојдневни но оти „ниту еден оператор, без разлика дали е приватен или јавен, не е ослободен од изложување на овие напади“.

-Како министер за одбрана дел сум од комисијата за кибер-одбрана и нема сомнеж дека особено по јулскиот напад, ја интензивиравме работата, изготвивме планови за инвестиции и други мерки од образовните програми, награди за вработените во овој систем. Владата одобри бонуси и флексибилни плати поврзани со нив. Се справуваме со секој случај, секој напад, за кои мора да се каже дека се секојдневни. Оние кои се попроблематични добиваат поголемо внимание од јавноста. Сите сме изложени, дури и приватните системи, не само јавните. Ниту еден оператор, без разлика дали е приватен или јавен, не е ослободен од изложување на овие напади, рече Пелеши.

Сепак не одговори на новинарско прашање дали кибер-нападите врз банките биле причина за итна средба на премиерот Еди Рама со гувернерот на Централна банка, Гент Сејко и заменик директорот на албанската тајна служба, ШИШ, Олјан Кануши, само кусо рече дека не е на средбата за да знае што се разговара.

Иранските хакери од групата „Татковинска правда“, во саботата на мрежата Телеграм објавија податоци од банкарските сметки на функционери во албанските министерства и државни институции.