Хоти: Косово обезбеди два милиона дози на вакцини против ковид-19, првите доаѓаат во февруари

30

Косовскиот премиер Авдулах Хоти вели дека Косово досега постигнало договори за набавка на, речиси, два милиона дози на вакцини против ковид-19 и дека првите количини се очекуваат да пристигнат во февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, Хоти информира дека 535.000 вакцини се обезбедени со договорот со компанијата „Фајзер”, 600.000 со Австрија и уште 720.000 преку Ковакс механизмот.

Здравствениот персонал и лицата над 65-годишна возраст ќе бидат први кои ќе се вакцинираат, а се планира дневно да се имунизираат по околу 20.000 граѓани.

– Направена е голема работа за изготвување на стратегија за имунизација, при што се дефинирани приоритетите на вакцинирањето што ќе се врши според тоа како ќе пристигнуваат количините на вакцини. Стратегијата во детали ги предвидува дејствијата на здравствените институции за да се создадат потребните капацитети за вакцинирање, изјави Хоти.

Тој го оцени како добра вест опаѓањето на бројот на заразени од коронавирусот во последните денови, но рече дека актуелните мерки за спречување на ширењето на пандемијата остануваат во сила.

– Овие мерки остануваат во сила и натаму, а знаеме дека истите се преземени како модел и од други држави, рече Хоти.

Директорот на Националнот институт за јавно здравство на Косово, Насер Рамадани, изјави дека меѓу приоритетните категории на лица за вакцинирање, освен здравствените работници и повозрасните, се и лицата од критичните групи со хронични заболувања, лицата со посебни потреби, лицата кои се грижат за стари и болни, вработените во училиштата, полицијата и војската.

Рамадани информира дека секое вакцинирано лице ќе биде снабдено со картон за имунизација.