Хоџа и двајца заменик-министри поднесоа оставки, Беса веќе не е дел од Владата

34

Арјанит Хоџа, генерален секретар на Беса и министер за земјоделство, објави попладнево дека поднел оставка од функцијата во Владата од, како што рече, морални причини.

Тој рече дека оставки поднеле и двајцата заменик-министри на Беса во Владата.

Хоџа вели дека ја реализира оставката што ја најави од претходно, откако, како што наведе, една владејачка партија, на чело со вицепремиерот од нејзините редови, го загрозила демократското право на глас на неодамнешните избори.

Беса, рече Хоџа, ќе продолжи да ги спроведува своите политики во општините каде што доби градоначалници, односно во Тетово и во Желино.

За потегот на неговиот сопартиец Кастриот Реџепи, Хоџа рече дека оставаат тој сам да се произнесе, ама рече дека тој чекор не е во согласност со политиките на Беса.

На прашање дали Беса ќесе приклучи кон Владата или ќе биде во опозиција во парламентот, Хоџа рече дека за тоа одлуки ќе носи партијата, чекор по чекор. Во врска со можноста за влегување на Алтернатива во Владата, пак, рече:

„Секој влез во ваква влада, во која е и ДУИ, е самоубиство за која било партија. Ние сме подготвени да се споиме и со Алијанса и со Алтернатива во еден блок и заедно да излеземе на избори.“