Царовска: Бојкотот на онлајн наставата не им носи добро на децата

17

Бојкот на онлајн наставата нема да донесе ништо добро на децата, изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска, при посетата на едно од училиштата во скопската општина Гази Баба, а во пресрет на почетокот на новата учебна година.

Родители на деца речиси од сите делови на државата, револтирани од тоа што нивните училишта биле одбиени за настава со физичко присуство, на социјалните мрежи се организираат за бојкот на онлајн наставата. Тие велат оти се убедени дека така ќе издејствуваат дозвола за настава во училница. Во меѓувреме, како што најавија од МОН, тестирањето на националната платформа за онлајн настава продолжува.

Царовска информираше дека околу 800 училишта поднеле барање за одвивање на настава со физичко присуство, а дозвола добиле 554.

„Јас ги повикувам сите родители, сите градоначалници, сите директори на училишта да седнат и заеднички да ги надминуваат прашањата. Тоа што ќе се бојкотира настава не носи добро за идните генерации на таа општина. Не носи добро за децата. Децата сакаат да бидат стимулирани, дали со физичко присуство, дали кратко ќе се приклучат на онлајн платформата, дали ќе добијат материјал, сепак во континуитет се стимулираат на знаење и позитивни информации кои што не сите деца ги имаат“, изјави Царовска.

Таа нагласи дека училиштата кои не добиле позитивен одговор за настава со физичко присуство не е затоа што некој нејќел туку затоа што здравствената и епидемиолошка состојба е ризична или заради тоа што се премногу деца во мал простор.