Чулев: Оливер Спасовски имаше речиси цели 4 години за да ја заврши истрагата

31

Обеледувањето на аферата мафија предизвика низа обвинувања на релација власт-опозиција.

Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја обвини ВМРО- ДПМНЕ за саботажа на случајот, поранешниот технички министер Наќе Чулев преку објава на социјалните мрежи тврди дека на министерот му оставил комплетирана истрага за случајот, но веќе една година ништо не е преземено.

-Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели. Токму тоа со своето нестручно, непрофесионално и зачудувачки незаинтересирано и дефокусирано однесување го овозможи актуелното раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски кој имаше речиси цели 4 години за да ја заврши истрагата, вели Наќе Чулев за Канал5.

Министерот Спасовски пак информираше дека ќе биде поднесена кривична пријава против 10 лица, а истражните дејствија околу криминалната група ги презема Обвинителството, а доколку се откријат и други лица вклучени во криминалот, истрагата ќе се прошири.

Првиот човек на МВР го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за саботажа на две годишна истрага која била спроведувана заедно со САД и Интерпол.

Од друга страна пак, Мицкоски за аферата „Мафија“, како што ја нарече, обвини дека владата давала закрила и соработувала со нарко босови.

Според информациите, 214 странци и еден македонски државјанин, најголем дел од нив барани со меѓународни потерници, успеале да дојдат до фалсификувани македонски пасош, преку криминална група која што делувала во пасошката служба во МВР. Според Мицкоски, лажни пасоши добиле двајца познати криминални ликови – водач на црногорски клан Јован Вукотиќ и Турчинот Седат Пекет кому му бил издадени пасош од СВР Скопје уште во 2017 година.