Шарл Мишел: До мај ќе се знаат и реформите и дали ќе почнеме преговори со С. Македонија и Албанија

5

Новоизбраниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, во интервју за главните европски весници предупреди дека не е само Франција заинтересирана за реформи во проширувањето на ЕУ.

Тој оцени дека до мај, кога ќе биде одржан самитот ЕУ-Балкан, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата и дали тоа би било формален услов за согласност за ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Дали ги поддржувам француските идеи за реформата во проширувањето? Тоа е многу повеќе од француски идеи затоа што на самитот го почувствував интересот на многу земји. Самиот јас молев да го избегнеме гласањето, да си дадеме дополнително време да ги подготвиме одлуките. И во неделите што следуваат ќе ја оствариме таа стратегиска дебата. Во мај нè очекува самитот за Балканот и се надевам дека дотогаш ќе успееме да ја разјасниме ситуацијата“, рече Мишел за неколку големи европски весници.

Претседателот на Европскиот совет повтори дека ЕУ знае дека стабилноста на целиот Балкан за нив е клучна и дека е свесна за влијанието на другите играчи во регионот.

„Но не стануваше збор само за тоа дали ги почнуваме преговорите со две држави или не, туку и за расправата за реформата на самиот процес на проширување, на пример со воведување реверзибилност на одделни чекори во проширувањето во случај на реформско назадување“, рече Мишел.

До самитот со балканските земји во мај, поранешниот белгиски премиер смета дека ќе се разјаснат и реформското прашање и одлуката за почеток на преговори со Македонија и Албанија. „Дали реформата на процесот на проширување ќе биде формален услов за согласноста за старт на преговорите со Албанија и Северна Македонија? Ако сега давам изјави на оваа тема, тоа само ќе го искомплицира процесот на донесување одлуки“, рече Мишел.

Претседателот на Европскиот совет исто така рече дека ЕУ мора стратегиски да донесе одлука која политика ќе ја спроведува кон соседите на ЕУ, а во нејзините односи со Русија треба да продолжи политиката на два колосека – санкции, но и дијалог.

„Треба да останеме недвосмислени во врска со неприфатливото однесување на Русија – од газењето на територијалниот интегритет на Украина, преку дезинформациите, до сајбер-нападите. Со Русија имаме проблем кога станува збор за почитувањето на границите, но и со нејзината улога јужно од Европа – во Сирија, Либија, нејзиното сè поголемо присуство во африканските земји“, рече Мишел.

Претседателот на Европскиот совет, сепак, предупреди дека би било грешка да се промени стратегијата кон Русија без да се земат предвид различните осетливости на сите членки на Унијата, вклучително и оние што се особено осетливи со оглед на историјата на нивните односи со Русија.

„Единството во ЕУ е клучно во односите со Русија“, рече Мишел.

Претседателот на ЕС, кој неделава ја презеде функцијата од поранешниот полски премиер Доналд Туск, повика на единство на ЕУ и во деликатното прашање за миграцијата.

„Втерувањето на некои држави во ќош не е соодветниот начин да се дојде до договор за една толку деликатна тема како што е миграцијата. Затоа целта ми е единство. Вистински приоритет е да ги заштитиме надворешните граници, но нашите одлуки за принципот на солидарност не смеат да остават простор за различни толкувања од различни членки на Унијата. Популистите ја злоупотребуваат темата за миграцијата и затоа ние сме должни на луѓето да им ја кажуваме вистината“, рече претседателот на ЕС.

Мишел рече дека ЕУ мора да инсистира на европските и хуманитарните вредности.

„Но во исто време, во согласност со европското законодавство, ние треба да ги разјасниме работите – ги прифаќаме луѓето што ги исполнуваат критериумите да останат во Европа, но во исто време ја зголемуваме ефикасноста на враќањето на оние што не ги исполнуваат критериумите за таа меѓународна заштита“, рече новиот претседател на Европскиот совет во интервјуто.