Шести ден продолжува потрагата по исчезнатото момче на Халкидики

10

Крајбрежната служба на Грција и спасувачките екипи и денеска, шести ден по ред, ја продолжуваат потрагата по исчезнатиот македонски државјанин на Халкидики.

Од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија синоќа соопштија дека „како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население“.

Паралелно, додадоа, дека нашите претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и семејството на исчезнатиот.

Вообичаена пракса на грчката крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, меѓутоа овој рок беше продолжен по телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дедниас.

Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.

Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.